БАБУНСКИ: НЕ ОЧЕКУВА ТЕЖОК НАТПРЕВАР ПРОТИВ НОРВЕШКА, НО СЕ ЗАВИСИ САМО ОД НАС


Македонската репрезентација до 21 година ги одработува последните подготовки пред натпреварот со Норвешка од квалификациите за Европското првенство 2015 година. Селекторот на нашиот национален тим, Бобан Бабунски истакува дека дуелот со Норвешка е многу важен за евентуалниот напредок на Македонија во тековните квалификации. Поради заработени два жолти картони пресметката со скандинавската селекција ќе ја пропушти Мартин Блажевски, во составот на Македонија се враќа Александар Дамчевски.
-Мислам дека имавме многу позитивни работи во нашата игра против Азербејџан, бевме паметни, не му дозволивме на противникот да ја наметне својата игра. По двата гостински натпревари во кои покажавме одредени недостатоци, сега се гледа голем напредок во играта на Македонија. Мислам дека сме на добар пат да оствариме позитивен резултат и против Норвешка. По одработените тренинзи впечатокот е позитивен. Работевме напорно, ја анализиравме играта на Норвешка од претходните натпревари, ги увидовме нивните предности и недостатоци и сега сме фокусирани на нашата игра. Пробавме неколку варијанти, но 90 отсто од составот е познат. Ќе биде тежок натпревар, но се зависи само од нас. Подготвени сме и сами одлучуваме за нашата судбина. Својот квалитет можеме да го претвориме во добар резултат. Имаме квалитетни фудбалери и во одбраната и во средниот ред и во нападот, но на крајот е важен резултатот. Ни треба поддршка и од публиката и убеден сум дека ќе го оствариме резултатот кои го посакуваме. За нас натпреварот против Норвешка е како „бараж дуел“ и од резултатот против Норвешка ќе зависи нашиот евентуален напредок во квалификациите за Европското првенство, изјави селекторот Бабунски.
Натпреварот Македонија – Норвешка од квалификациите за ЕП во Чешка се игра во вторник во 19.30 часот на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Влезот е слободен.
GIL_5874

Comments

Popular posts from this blog

БАБУНСКИ ГО ОБЈАВИ СПИСОКОТ НА МЛАДАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА НАТПРЕВАРОТ СО ПОРТУГАЛИЈА

У-21: МАКЕДОНИЈА – ПОРТУГАЛИЈА 0:1